Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе жалба на решението за куќен притвор на обвинетиот Асмир Јахоски до Кривичниот совет.
-Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение, стои во соопштението од ОЈО ГОКК.
Од Обвинителството на Ислам Абази вчера соопштија дека побарале притвор, но судија на претходна постапија ги земал предвид семејните и бизнис прилики, но и дека лицето е татко на четири деца. Се наведува и дека имал нарушено здравје.
-Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.
Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, соопштија вчера од ОЈО ГОКК за одлуките на Основниот кривичен суд Скопје.
Кривична пријава добија вкупно 13 лица, 11-мина се уапсени, еден е во бегство, друг во притвор. Се сомничат дека сториле кривични дела поврзани со увоз на сомнителни набавки на деривати кои нанеле огромна штета на животната средина, здравјето на луѓето, а преку фиктивни договори за позајмици направиле милионска штета.
-Нанеле штета на буџетот во износ од 167,5 милиони евра, соопштуваат од Обвинителството.
На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти Кривичниот суд во Скопје. Поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски веќе е во бегство и е баран за вмешаност во случајот „Адитив“.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува претходната власт поради тоа што еден од обвинетите за случајот со мазутот доби куќен притвор. Поточно ги обвинуваат дека поставиле „свои судии и обвинители кои наместо да ги гонат криминалците, ги пуштаат на слобода со домашен притвор“.
СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да не се огласува за случајот со канцерогениот мазут и обвинетите Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Според најголемата опозициска партија, „Пуцко Петрол е бизнис изроден како резултат на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“. Oд СДСМ потенцираат дека Капушевски е долгогодишен поддржувач и „дете на Груевски“.