Обвинителството во Минесота побара казна затвор од 30 години за поранешниот полицаец Дерек Шовин, кој беше осуден во април за убиството на Џорџ Флојд во мај 2020 година.
Адвокатите на Шовин побараа условна казна, покрај времето што тој веќе го помина во притвор.
Полицаецот Шовин, кој повеќе од девет минути клечеше на вратот на Џорџ Флојд, беше прогласен за виновен од поротата во Минеаполис по сите три точки – убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен.
Судијата Питер Кејхил пресуди дека постојат „отежнувачки околности“ во случајот со убиството на Флојд, што му дава можност да изрече пресуда за Шовин, која може да биде построга отколку што препорачува државата.
Во Минесота, просечната казна за првиот прекршок, како што е случајот со Шовин, е 12 и пол години.
Сепак, обвинителството во својот поднесок навело дека 30 години би биле посоодветна казна заради длабокото влијание што го имале постапките на обвинетиот врз жртвата, семејството на жртвата и заедницата“, пренесува „Танјуг“.
Максималната казна за најсериозната точка во обвинението против Дерек Шовин, убиство од втор степен, е 40 години.
Изрекувањето на пресудата за Шовин е закажано за 25 јуни.
Тој е во затвор од 20 април, кога беше прогласен за виновен, и се соочува со одделни федерални обвиненија поврзани со човековите права во случајот со смртта на Флојд.
Убиството на Флојд предизвика глобални демонстрации против институционализираниот расизам и полициска бруталност, особено во САД.