Обвинителството се откажа од кривично гонење на внукот на претседателот на ДУИ, Дрин Ахмети, во врска со пиротехничките средства кои му беа одземени вечерта на 30 декември 2023 година, во неговиот автомобил „Ренџ Ровер“ со албански регистарски таблички, за време на полициска контрола во Скопје.
Од Обвинителството нагласуваат дека според извештајот, огнометот кој е пронајден и одземен, не е во големи количини што може да поведе кривично гонење и евентуална кривична одговорност, додека во прилог на тоа оди и фактот што Министерството за внатрешни работи како релевантен орган за инцидентот поднел известување, а не кривична пријава до Обвинителството.
Обвинителството констатирало дека има само прекршок, за што е предвидена глоба од 200 до 400 евра.
25-годишниот Дрин Ахмети минатото лето стана газда на ТЦ „Соравија“ во центарот на Скопје. Откако во јавноста се објави информацијата дека станува газда на „Соравија“, одржа прес-конференција на која кажа дека не го купува сам деловниот центар, туку во оваа зделка влегува со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај. Тој кажа дека компанијата има долг од 20 милиони евра кон банките, што целосно ќе го преземат.
Внукот на Ахмети се соочува и со предмет во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во јули лани до нив допрел глас дека е сомнително како Дрин Ахмети од зделката за преземање „Соравија“ ќе добие 39 отсто од деловниот центар, без да уплати ниту едно евро.