Обвинителството оформи предмет за говор на омраза за интервјуто на Латас кај Лазаров

од Nikola Popovski
286 прегледи

Државното јавно обвинителство (ЈОРМ) веќе отворило предмет за интервјуто на новинарот Драган Павловиќ – Латас во подкастот на јутјуберот Стефан Лазаров.

Ова следува откако Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување.

-До Основното јавно обвинителство Скопје доставено е известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР за настанот. Надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки, велат од ЈОРМ за „Локално“.

Од таму додаваат дека предметот е оформен за говор на омраза, поточно за кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по Член 394-г од Кривичниот законик.

Контроверзното интервју на поранешниот долгогодишен уредник на ТВ „Сител“ предизвика лавина од коментари. Поголемиот дел од јавноста ја осуди изјавата на Латас во која тој раскажува за своите „сексуални подвизи“ на 15-годишна возраст.

Според објавеното видео, додека Латас раскажува, водителот на подкастот Лазаров се смее.

Двајцата соговорници во интервјуто демантираа дека се зборувало за некакво силување или сексуално насилство.

И МВР информираше за случајот, велејќи дека целокупниот документиран материјал е доставен до обвинителството.

„Денеска (20.02.2023), МВР поднесе Известување до надлежното Јавно обвинителство, во врска со претходно објавено интервју на С.Л. со Д.П.Л., како подкаст на Јутјуб канал. Имено, Известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување“, се вели во соопштението од МВР.

Хелсиншкиот комитет ја започна серијата на силни осуди на кажаното од страна на Латас на подкастот.

„Објавеното интервју од јутјуберот Лазаров, каде неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство.“, напишаа оттаму.

Н.П.

Слични содржини