Обвинителството отвори предмет за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д

од Nikola Popovski
145 прегледи

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори предмет за изборот на компаниите за надзор на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10Д.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството кое го предводи обвинителот Ислам Абази.

Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ изминатиот период беше една од темите во фокусот на јавноста.

Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.

Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Просечната цена по километар треба да изнесува 12 милиони евра.

Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија за 22 април годинава на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

Договорот за надзор со овој конзорциум, Владата го потпиша на 2 февруари годинава.

Слични содржини