Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во врска со набавката на луксузниот автомобил „ауди“, соопштија од ОЈО ГОКК на денешниот брифинг со новинари.
Според обвинителката која постапува по случајот, иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, стигнала малку подоцна, а предистражната постапка била макотрпна.
-Поднесено е обвинение против Рамиз Мерко, по иницијатива на ДКСК, која стигна малку подоцна. Предистражната постапка беше макотрпна и конечно прибравме доволно докази. Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ по однос на аудито, член 353 став 3 во врска со став 1, рече обвинителката.
ДКСК работеше на контроверзната набавка на службени возила од страна на Мерко, кој, во време кога општината беше задолжена, потроши 114 илјади евра за набавка на 4 автомобили, меѓу кои беше и луксузниот „Ауди А6“ вреден скоро 67 илјади евра.
Откако ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, таа го мина патот од скопското до струшкото обвинителство, за на крајот да заврши во обвинителството за организиран криминал, кое, по спроведена предистражна постапка, ја отфрли иницијативата.