Обвинителството прибавува и анализира повеќе докази за делата на Палевски

од Nikola Popovski
163 прегледи

По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, информираа утрово од Јавното обвинителство.

За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза.

-Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста, стои во соопштението на ЈОРМ.

Палевски е спроведен во затворот „Шутка“ и е сместен во посебна ќелија, во посебен блок од затворот каде се сместени и други притворени поврзани со делото.

Министерството за правда и министерот, Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Палевски.

Оттаму велат дека целата постапка се спроведе во релативно краток период, за неполни пет месеци.

-Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне, каде и да сте, стои во соопштението од Правда.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.

Слични содржини