Канцеларијата на специјализираниот обвинител во Хаг побара на поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, да му биде продолжен притворот за уште два месеца, со образложение дека тоа е „посебно разумно во сегашните околности“, со оглед на фактот дека судењето против него започнува на 3 април.
„Советот потсетува дека оправданоста на продолжувањето на притворот на обвинетиот мора да се оценува во фактичката состојба на секој случај и според неговите карактеристики, кои во овој случај го вклучуваат влијанието и авторитетот на Тачи, неговото познавање за обвинувањата и доказите против него, како и можноста за долга затворска казна, ризикот Тачи да ги попречува процедурите на СБ, ризикот од извршување, поттикнување или помагање понатамошни кривични дела, фактот дека рестриктивните мерки на ослободување не се доволни за ублажување на ризикот, тежината и сложеноста на обвиненијата против Тачи и фактот дека следува почеток на судењето“, се наведува во соопштението на Канцеларијата, пренесе порталот „Репортери“.
Во соопштението се наведува заклучокот дека „наведениот фактор, како и други, го прави разумно продолжувањето на притворот на Тачи, со оглед на датумот на почетокот на судењето“, а „Репортери“ додава дека судот во Хаг ја разгледува оправданоста на притворот за обвинетите на секои два месеца.