ОЦЕНКА НА ЕКОНОМИСТИТЕ: Дали инфлацијата од 3,9% ќе го „изеде“ економскиот раст од 3,2% – ризиците демнат!

„Иако во септември во однос на август на месечно ниво беше регистрирана инфлација од -0,2%, на годишно ниво растот беше повторно висок. Трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци во првите девет месеци во споредба со истиот период лани се зголемиле за дури 4,9%, а во истиот анализиран период, индексот на цени на мало само кај земјоделските производи е зголемен за  7,2%“

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: ChatGPT

На истекот на годината, економските аналитичари сепак ги зголемија прогнозите за инфлацијата – годинава ќе изнесува близу 4%. Од друга страна пак прогнозите за еконосмки раст остануваат на исто ниво од 3,2%. Економијата ќе биде на удар на ризици и во следниот период.

И оваа и следната година инфлацијата ќе биде повисока од првичните проценки, годинава на ниво од 3,9%, следната година стапката ќе изнесува 3,1%. Во новата Анкета за инфлациски очекувања на Народната банка, економските аналитичари ги ревидирале очекувањата за ценовниот притисок – во  нагорна линија.

„Испитаниците ги објаснуваат ваквите очекувања делумно со досегашните остварувања на инфлацијата, коишто се повисоки, особено во месеците по завршувањето на мерките за ограничување на цените на храната. Во рамките на домашните фактори се посочуваат и зголемувањето на минималната плата, притисокот за покачување на платите во приватниот и во јавниот сектор, како и зголемувањето на пензиите и кредитирањето, а дополнително ги посочуваат и маржите на трговците и цените на услугите“ – се наведува во извештајот.

Како важен фактор на ризик се геополитичките превирања и зголемената неизвесност од светските трговски политики, кои според економистите би можеле да предизвикаат зголемена променливост на меѓународните пазари на примарни производи и нагорни притисоци врз цените.

Иако во септември во однос на август на месечно ниво беше регистрирана инфлација од -0,2%, на годишно ниво растот беше повторно висок. Трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци во првите девет месеци во споредба со истиот период лани се зголемиле за дури 4,9%, а во истиот анализиран период, индексот на цени на мало само кај земјоделските производи е зголемен за  7,2%.

Според оценките на аналитичарите, ризиците по економијата ќе бидат присутни и натаму.

„Економските аналитичари и натаму сметаат дека постои висок степен на неизвесност околу текот на идните случувања и посочуваат на потребата од зголемена внимателност, со посебен акцент на нестабилниот геополитички амбиент, зголемената неизвесност од светските трговски политики и случувањата во економиите на нашите главни трговски партнери, но и случувањата во домашната економија“ – пишува во Анкетата на НБМ и се додава дека аналитичарите демонстрираат оптимизам со очекување дека на среден рок  стапката на инфлација ќе забави а растот на економската активност постепено ќе забрза.

Економските аналитичари од Анкетата на НБМ имаат иста прогноза со онаа на ММФ дека годинава ќе заврши со инфлација од 3,9%. Засега Владата останува на буџетската прогноза за стапка на инфлација од 2,7%. Од почетокот на годината досега инфлацијата два пати беше во “минусна зона“, прв пат во март во споредба со февруари и сега во септември во споредба со август.