Очекувам мнозинството да се зголеми, ќе се обидам да направам нова Влада, вели Мицкоски

од Берта Китинска
343 прегледи

ВМРО ДПМНЕ влегува храбро и се ставаме на страна на народот, затоа по изборите тргнав во создавање на ново мнозинство. Заедничкиот блок меѓу ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците- Алтернатива, Партијата Левица и Движењето Беса е коалицијата против криминалот на власта. Очекувам мнозинството да се зголеми, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.

Мицкоски смета дека новото парламентарно мнозинство значи дека паѓа Владата на СДСМ и Зоран Заев. Според него, тоа ќе значи дека во наредниот период ќе се обиде да формира нова Влада.

„Тоа ќе се случи само ако сум сигурен дека ќе биде Влада на сериозен кредибилитет и силни институции кои ќе гарантираат стабилност. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на Владата, борба против корупцијата и криминалот, тогаш, тоа што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори за народот да одлучи за новата иднина“, рече Мицкоски.