Куманово е исправено пред многу едноставен избор. Од една страна има кандидат кој што инститира на континуитет. Од друга страна е кандидатот кој што инсистира на дисконтинуитет. Кандидат за градоначалник, кој што сака партнерство со бизнис заедница, со невладини организации и здруженија, со млади и со сите оние кои што сакаат да живеат во градот. Очекувам на 3 ноември Куманово да се разбуди во слободен град и да почнеме да градиме ново Куманово, вели за „Локално“, независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро.
Тој вели дека бројот 41, за кој што ќе треба да гласаат граѓаните на Општина Куманово има силна симболика. Како што посочува, во 1941 година Куманово исто беше пред предизвик и пред уцена, но реагираше на тој начин што испиша нова историја.
-Од една страна имате кандидат кој што инститира на континуитет. Тој е кандидат кој што во 2008 година на еден или на друг начин, е дел од општинска администрација како советник, како претседател на Совет, односно градоначалник. Од друга страна имате кандидат кој што инсистира на дисконтинуитет и сака партнерство со сите кои сакаат да живеат во градот, вели Стојковски.
Прашан како ја оценува кампањата, непосредно на ден пред изборниот молк, Стојковски потенцираше дека не успеале да ги презентираат нивните програмски елементи и идеи на дебатите на кои што учествувале, затоа што не доликувале на дебати поврзани со избор на градоначалник на една општина.
-За жал, на тв дебатите на кои што учествувавме, не можевме да презентираме ништо од нашите програмски елементи, од нашите решенија и од нашите идеи, затоа што дебатите се претворија во девалвирање и во негирање. Апсолутно, дебатите не доликуваа како да се избира градоначалник на една општина, вели Стојковски.
Затоа, потенцираше дека нивните пораки, идеи и решенија за основните проблеми на граѓаните ги пренесовме преку видеа, преку „рилсови“, и објави на социјалните мрежи, како и преку секојдневните средби со граѓаните во општина Куманово.
Во однос на тоа дали ја очекува поддршката од гласачите на кандидати кои отпаднаа во првиот круг, Стојковски информираше дека кандидатот на Левица и на Интегра веќе му ја дадоа поддршката.
-Очекуваме поддршка од сите останати партии, здруженија и иницијативи. Пред се, очекуваме поддршка од граѓани како и од млади луѓе, кои што својата перспектива и перспектива на своето семејство ја гледаат во Куманово. Куманово во моментов е еден емоционален простор кој што освен со убава идеја и со решенија, градот сака повторно да расне, посочи Стојковски.
Како што напомена, Куманово треба да биде дом за сите луѓе кои што својата перспектива ќе ја гледаат во оваа општина.
Стојковски информира дека програмата со која се кандидирал на овие локални избори се базира на пет столбови.
-Нашите столбови се чисто, уредно, функционално и безбедно Куманово, Куманово град на култура и образование и Куманово град на спортот. Значи, нашата програма произлегува од реалните потреби на граѓаните на Општина Куманово, кои и претходно се воведени во стратешките документи на Општина Куманово преку разни анкети и прашалници, но до сега апсолутно не се реализирани, рече Стојковски.
Според Стојковски, најприоритетното нешто за решавање во Куманово во неговиот четири годишен мандат ќе биде урбанистичкиот и сообраќајниот хаос, функционирање на јавниот сообраќај, тргање на градежниот шут и смет од Општината, како и градење на нови детски игралишта и катчиња.
Б.Т.