Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија поднесена од известувачот Иво Вајгл со 404 гласа „за“ и 74 против.
Според неа за Македонија се препорачува седма по ред препорака до Советот на Европа за почеток на преговори со Македонија за членство во Европската Унија, но овој пат таа е условена со излез од сегашната политичка криза и со одржување на фер и демократски избори што е можно побргу.
Европратениците во изготвената резолуција ги повикуваат лидерите на партиите целосно да го имплементираат Договорот од Пржино и да ги спроведат итните реформи. Eвропратениците изразиле загриженост поради широко распространетата корупција, особено во државната и во локалната администрација, за јавните набавки, како и за финансирањето на политичките партии.
Во документот сепак се наведува дека Македонија „се однесувала како одговорен партнер при справувањето на напливот на мигранти и бегалци“ и оти Европската комисија треба да обезбеди помош за управувањето на границите на земјата.