Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Будва.
Состанокот се случува на неполн месец пред формалното преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, на 1 јули.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, по пленарната сесија, заедно со претставниците на Тројката претседавачи – Грција, Црна Гора и Северна Македонија – Османи ќе одржи конференција за медиумите, додека на маргините на министерскиот состанок, ќе оствари и билатерални средби со свои хомолози, земји-членки на иницијативата.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996, со цел продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот.
Претседавањето со оваа регионална организација се случува паралелно со претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година. Со ова, Република Северна Македонија се етаблира како актер кој има дипломатски капацитети да претседава со важни регионални и меѓународни форуми и организации.
Покрај Северна Македонија, членки се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдова, Романија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора.