Од 1. ноември нема да има уште еден час евтина струја, ќе се одлучува по Нова година

од Nikola Popovski
294 прегледи

До крајот на годината нема да има дополнителен попладневен час на евтина тарифа за електричната енергија за домаќинствата, соопшти денес претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

„Анализите покажаа дека цените на берзата се евтини во периодот од 12 до 16 часот и може да се воведат дури четири часа евтина попладневна тарифа, наместо два како досега, но проблемот е во тоа што ноќните цени на берзата сега се многу високи и ќе треба да ја укинеме евтината струја од 22 до полноќ, а луѓето веќе имаат стекнато свои навики и не сакаме да предизвикаме револт“, рече Бислимовски.

Првиот регултор најави дека ваквата состојба ќе остане до крајот на годината, а понатаму повторно ќе се разговара со ЕСМ и со ЕВН.

Според претходните најави од регулаторите, од 1 ноември требаше да се воведе уште еден час поевтина струја, од 13.00 до 16.00 часот, наместо како што е сега од 13.00 до 15.00 часот.

Во 2021 година, во текот на енергетската криза, Регулаторна, по серија анализи, реши да ја укине дневната евтина тарифа со образложение дека таа услуга е многу скапа за државата. Официјално се случи тоа во јануари 2022 година, а ставот на надлежните беше дека доколку остане дневната евтина тарифа на сила, во тој случај зголемувањето на цената на електричната енергија ќе изнесува 14,2 отсто.

Една година подоцна или во декември 2023 година, регулаторот повторно реши дека има простор за враќање на дневната евтина тарифа од 13:00 до 15:00 часот. За целото ова време, домаќинствата имаа евтина тарифа и во ноќните часови, односно од 22:00 до 7:00 часот наутро и 24 часа во недела.

Слични содржини