Од 18 на 8 години: Апелација му ја намали казната на пијаниот возач кој уби 11-годишно девојче на пешачки во Велес

од Nikola Popovski
397 прегледи

Апелација му ја намали затворската казна од 18 на осум години на Ангелчо Николов, кој минатата година на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега со возилото. Притоа мајката на детето се здоби со отворена рана на главата и повреда на потколеницата.

Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова.

Ангелчо беше обвинет за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“и за кривично дело – „Не укажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, кои ги сторил со умисла.

Во обвинителниот акт стоеше дека иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час.

Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало.

По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот, се велеше во соопштението на Обвинителството.

Предметот се работеше и во текот на судската летна ферија, бидејќи беше притворски.

Слични содржини