Од 7. март штрајк во „Национални шуми“

од Nikola Popovski
316 прегледи

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) најави штрајк којшто ќе почне од 7 март сѐ до исполнувања на барањата за исплата на плати за вработените во „Национални шуми“.

-Штрајкот нема да се прекине до моментот кога ќе се исплатат платите и додатоците од јануари и февруари, рече на денешната прес-конференција претседателот на СГИП Иван Пешевски.

Оттаму информираат дека ова претпријатие се соочува со исклучително тешки моменти и не исплаќа плати и придонеси, а вработува нови 400 работници.

Штрајкот, како што беше посочено на прес-конференцијата, е поддржан од синдикалните претставници од сите подружници низ државата на ова претпријатие.

Од Синдикатот апелираат до претставниците на власта, вицепремиерот за економски прашања и до премиерот да најдат решение како да добијат навремено плата и плата достоинствена за живот на вработените.

Како што објасни Пешевски оправдувањето за новите 400 вработувања било дека има претпријатието потреба од такви вработени, но вели, „магично кај нас во државата сите овие вработувања се пред избори во јавните претпријатија“.

-Ако имале потреба нека ги задржат. Претходно ги водеа како сезонски работници. Голем дел од нив немаат ни пензиско, ни здравствено, ни плата два, три, четири месеци во годината. Не сме ние мечки да хибернираме, да јадеме и пиеме преку лето, а зимно време да не добиваме никаква плата од државата, додаде тој.

Слични содржини