Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски денеска информираше дека МВР целосно го расчисти случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
-Од аспект на МВР, случајот е расчистен во целост. За сите други аспекти од истрагата, ќе се обратите во Обвинителството. Нашата работа во целост е комплетирана. Доколку се процени да се проширува истрагата и да се добиваат други насоки и барања од страна на Обвинителството, МВР е тука да постапува, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.
По 17 дена, во петокот на 22-ри декември, стигнаа обдукциските наоди од обдукциите на убиените Ѓорчевска и Жежовски. Тие ќе треба да бидат проучени, а да ги дадат одговорите, како биле убиени двете жртви, кои претходно беа киднапирани. Веќе беше обзнането дека не станува збор за обична обдукција. Обдукциите беа работени од Институтот за судска медицина и криминалистика.