Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот да се слеат 54 милиони евра

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Прогресивното оданочување останува отворено прашање за кое, како што најавуваат од Министерството за финансии, ќе се дебатира во следниот период. Во предлог-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно.

Даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано тоа да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот да се слеат 54 милиони евра. Она што како предлог решение стои во даночната реформа е да се оданочуваат каматите на депозитите за 10 проценти, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка и да се плаќа здравствено и пензиско осигурување за хонорарците.

– Ако на пример имам 100 илјади денари во банка со два проценти годишна камата, тоа значи имам добивка две илјади денари годишно. И сега би платил 10 проценти данок, значи 200 денари годишно, кон државата, појасни министерот за финансии Фатмир Бесими на денешниот брифинг со новинарите на кој беше презентирана даночната реформа.

Бесими вели дека се работи за предлог-решенија за кои ќе се разговара со сите засегнати страни во следниот период. Целта е да се создаде оптимален даночен систем и да има правично оданочување кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Според Бесими, станува збор за реформа на која е работено долго време и за која се направени длабински реформи.

Слични содржини