Од денес исплата на субвенциониран студентски оброк на неделно ниво

од Nikola Popovski
337 прегледи

Наместо на дневна основа, од денес паричните средства за субвенциониран студентски оброк, ќе се исплаќаат одеднаш за шест дена во неделата. Ова е предвидено со последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, направени на барање на студентските организации и здруженија, а во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка.

Министерството за образование и наука известува дека почнувајќи од денес – понеделник, секој студент кој го остварува правото на субвенциониран студентски оброк на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно намирници за прехрана и ќе можат да се искористат од понеделник до сабота. На овој начин се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа.

-Нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Рокот за пријавување на студентите кои досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите, е од први до петти секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, додаваат од МОН.

Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува на сила од 1 март, информираме дека секој студент корисник на правото, овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари.

-МОН ја почитува волјата на студентите и го исполни нивното барање. Тие и понатаму ќе бидат важен партнер на институција во креирањето на политиките и мерките кои ги засегаат младите, стои во соопштението на ресорот образование.

Слични содржини