Владата вчера одлучи да ги покачи „замрзнатите“ цени на овошјето и зеленчукот, кои ги ограничи на 5-ти април.
Ова го соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, наведувајќи дека зголемувањето на „замрзнатите“ малопродажни цени на овошјето и зеленчукот било предложено од неговото Министерство бидејќи утврдило дека увозните цени на одредени видови се зголемиле и до 30 проценти минатата недела поради претстојните празници.
„По консултациите со увозниците на овошје и зеленчук и претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, кои ги имавме минатата недела и според податоците дадени од Царинската управа, утврдивме зголемување на увозните цени до 30 отсто, особено за доматите, краставиците и гравот“, рече Бектеши.
Според него, новата највисока цена за килограм домати и краставици е 95 денари, кромидот 70 денари, зелената пиперка 100, а гравот 95 денари.
Со новата одлука на владата на Димитар Ковачевски, се укинува ограничувањето на цената на карфиолот, леќата останува „замрзната“ на 110 денари, додека цената на килограм банани (75 денари), мандарини (65 денари) и портокали, а лимоните (60 денари) се зголемуваат за пет денари.
Владата на 3-ти април донесе одлука за намалување и замрзнување на цените на 11 видови овошје и зеленчук и најави дека ќе важат од 5-ти до 30-ти април.
Тогаш беше одлучено килограм домати не може да се продава по цена повисока од 70 денари, краставици 75 денари, кромид 60 денари, карфиол 70 денари, боранија 90 денари, грав 75, леќа 110 денари, банана од 70 денари, портокали од 55 денари, мандарини од 60 денари и лимони од 55 денари.
Од почетокот на март во земјава се намалени и замрзнати цените на одредени видови хигиенски производи, оризот, јајцата од кокошка, некои млечни производи и тестенини, како и белиот и полубелиот леб.