Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски информира дека утрово бил во ООУ Кирил и Методиј во населеното место Стајковци каде што наставата започна со интонација на химната на Република Македонија.Стефковски порача дека преку интонација на химната, кај дечињата уште од најмали нозе ја градиме почитта и љубовта кон својата татковина.
Сметам дека сите заедно треба да работиме во насока на подигнување на чувството и почитта кон химната и знамето на Република Македонија како репрезенти и симболи на државноста на нашата мила Македонија. Одлуката за интонација на химната на Република Македонија на почетокот на наставата секој понеделник ја донесе Советот на општина Гази Баба на последната седница, објави градоначалникот.
Одлуката за интонација на химната на почетокот на наставата секој понеделник ја донесе Советот на општина Гази Баба на последната седница.
Градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, Биљал Касами порача дека ако сите треба да ја почитуваат државната химна, таа химна треба да ги почитува сите различности со кои живееме секојдневно. Според него, ако се пее македонската химна во училиштата, мора да се почитува албанското мнозинство и да се пее и албанската химна.
-Одлуката ќе ја почитуваме, но законите мора да ги почитуваат сите различности во државата. Ценам дека Албанците како втор мнозински народ, мора да бидат почитувани во оваа одлука. Треба да се интонира и албанската химна и тоа што го почитуваат и Албанците, додаде Касами во петокот.
Ова следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика Министерството за образование, по примерот на општините Аеродром и Гази Баба, во сите училишта низ државата да се воведе задолжително интонирање на националната химна. Според Мицкоски, на овој начин секој граѓанин ќе покаже почит кон основните симболи на државата.