Поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски од денеска е во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, каде ќе ја издржува затворската казна од две и пол години, која му беше досудена за случајот “Акмис”.
Тој добил упатен акт за издржување на казната, откако му била одбиена жалбата за пресудата, по што сам се пријавил.
Панчевски е обвинет дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, како претседател на Основен суд Скопје 1, со давање на писмен „параф“, наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставени од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.