Од денеска минимално поскапување на струјата за 0,4 насто за 88 проценти од домаќинствата. Со ова нема да биде предизвикан ценовен шок, посочуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
Цената во првиот блок останува иста, за осум проценти од граѓаните кои имаат потрошувачка во третиот блок, струјата ќе поскапи за 0,48 насто, а за четири проценти од семејствата коишто се во четвртиот блок, трошоците за струја ќе се зголемат за 0,57 проценти.
Според првиот регулатор, Марко Бислимоски, измените на Законот за енергетика кои што поминаа во Собранието, овозможија да се примени новата маржа, која што сега изнесува 9,9%, наместо претходните 11,5%.
-Овие измени на Законот овозможија ЕВН Хоум да продолжи да ја врши дејноста без да има потреба да се формира нова компанија и да настанеше конфузија, во текот на месец јули граѓаните да добиваа две сметки за струја. Не предизвикуваме никакви ценовни шокови, подвлече Бислимоски на прес-конференцијата во четвртокот.
На тендерот што претходно го распиша универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават час и за покривање на 85 проценти од потребите на регулираниот пазар, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.
Центата на струјата треба да важи до крајот на годинава.
Според европската пракса, основната задача на Регулаторната комисија е утврдување на тарифите за пренос и дистрибуција на струјата односно за Мепсо и ЕВН Дистрибуција кои се во државната сопственост. Владата ја утврдува цената на ЕСМ. На крај вкупната математика ќе ја направи ЕВН Хоум, по што Регулаторната ќе направи контрола дали во пресметката влегле и непродуктивни трошоци.
Најголем домашен производител на електрична енергија е Електрани на Северна Македонија, а по него следат когенеративниот производител на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО, хидроцентралите на ЕВН Електрани и повеќе други помали производители на електрична енергија.