Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска на Меѓународниот аеродрoм Св. Апостол Павле во Охрид присуствуваше на воспоставување на две нови авиолинии од охридскиот аеродром и тоа кон Лондон и Манчестер.
Во своето обраќање, министерот ги потенцираше успешните политики на Владата на Република Северна Македонија во насока на развој на авиосообраќајот во земјата, со посебен акцент на растот на бројот на патници и достапни дестинации во Европа.
“Задоволство ми е што сум присутен на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид каде од денеска воспоставуваме две нови авиолинии, односно го поврзуваме Охрид со две нови дестинации во Англија и тоа до аеродромите во Лондон и Манчестер. За нас Охрид како најголем туристички центар на Северна Македонија ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број на туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој. Ова е само уште една потврда на заедничките заложби на Владата и на ТАВ да ги развиваме капацитетите на двата наши аеродроми, притоа да создаваме услови за нови авиолинии и генерално да го развиеме авиосообраќајот во земјата.“ – изјави министерот Бочварски.
Тој исто така истакна дека и оваа година, како и минатата 2022, забележан е позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава.
„Во првите четири месеци од годинава имаме раст на бројот на патници за 44% повеќе во споредба со минатата година или раст од 11% во споредба со 2019 година кога беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Конкретно за охридскиот аеродром Св. Апостол Павле имаме раст на бројот на патници од преку 30% во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја. “ – потенцираше министерот Бочварски.
Владата на Република Северна Македонија останува фокусирана на унапредување на цивилното воздухопловство и авиосообраќајот, со цел максимално искористување на капацитетите на двата меѓународни аеродроми и овозможување на граѓаните нови можности преку нови и атрактивни дестинации.