На прашањ за обвинувањата на градоначалничката на Градот Скопјe, Данела Арсовска против Општина Чаир за дозволи за голем број дивоградби на територијата во оваа скопска општина, премиерот Христијан Мицкоски рече дека таа има надлежности и може да постапува. Мицкоски порача дека не треба да се користи филозофирање и празна реторика.
„Таа има ингеренции. Ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде“, кусо рече денес премиерот одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Желино на пуштање 1,5 километри патот Палатица – Тетово.
Арсовска вчера информира дека Градот Скопје по закон нема градежна инспекција туку градежна има општина Чаир чиј градоначалник Висар Ганиу го чекале вчера 4 часа да постапи по дивоградбата на негова територија.
-Затоа тврдењето на “принцезата на дивоградбите” од Чаир дека барал од нас да постапиме за дивоградби што му никнуваат пред нос не само што е лага, туку е и блед обид да се извади од ситуацијата во која што е фатен. Вистината е следна: До овој момент Ганиу до град Скопје има испратено над 150 дописи за легализација на дивоградби. Сите се одбиени од страна на градот Скопје бидејќи се градени по 2017 година, нелегални се и не исполнуваат услови за легализација. Сите овие бесправно изградени објекти во Чаир се со амин на Ганиу и немаат одобрение од градот Скопје.
Ганиу „принцезата на дивоградбите“ од Чаир не може да бега од одговорност. Ги повикуваме ОЈО и ОЈОГОКК да ги проверат овие градби во општина Чаир, објави градоначалничката на Град Скопје.
Градоначалничката вчера одеше во живо на Фејсбук во два наврати, при што ловеше дивоградби на локации во Чаир. Во второто видео рече дека на државно земјиште се гради дивоградба со дозвола од градоначалникот Ганиу. Вели дека од општината не дошол никој.
-Најверојатно му е страв или незгодно. Ни испрати ботови да урлаат и да се закануваат. Испрати луѓе да ни кажуваат дека нема добро да си поминеме, ама Висар Ганиу, како што гледаш, баш и не ти се плашиме. Тука се инспекциските служби и Инспекторатот на Град Скопје, кажа Арсовска во обраќање до градоначалникот. Градоначалничката исто така побара реакции од Обвинителството за отворање на постапка.