Од Хрватска и Малта: Со чартер летови денеска ќе се вратат затекнатите граѓани

од Берта Китинска
292 прегледи

Со чартер летови од Загреб и од Ла Валета во Малта, денеска почнува враќањето во земјава на дел од македонските граѓани затекнати во странство.

Државниот секретар во МНР Зоран Попов вчера информира дека на повикот на МНР, што траеше до 22 март во 18 часот, за организирано враќање во земјава се пријавиле вкупно 5.250 македонски граѓани. Од нив, 2.900 се изјасниле дека сакаат да се вратат и прифаќаат задолжително да одат во државен карантин и да ја платат цената на чинење на авио-билетот.

Двата деншни чартер лета ќе бидат со авиони на авиокомпанијата Визер, која го доби тендерот преку јавниот повик што го упати Генералниот секретаријат на Владата, а во кој единствен услов беше најниска цена на чинење на летот.

– Цената зависи од капацитетот и пополнетоста на авионот. Добиената цена по јавниот повик се дели со бројот на патници во авионот. За Загреб имаме Airbus со 230 седишта, до сега се пријавени 226 граѓани, а за Ла Валета имаме 147, Airbus320 со 180 седишта, појасни Попов.

Најголем дел од затекнатите македонски државјани се во Европа, но има и во прекуокеанските земји.

– Се работи за 350 барања од Северна Америка, Јужна Америка, Австралија, Азија и Африка. Ова е покомплицирано, правиме напори во соработка со соседните земји и држави членки на ЕУ, земји кои испраќаат летови да ги соберат своите граѓани од тие дестинации, да се организираме за заеднички специјален лет и преговорите течат во моментот. Правиме сè што е во можност да ги извлечеме и тие наши граѓани. Во моментот приоритетот е на Европа, 95% од вкупно пристигнатите барања, 4.850 од вкупно 5.200 се однесуваат на Европа. Правиме се што можеме да ги извлечеме и нашите граѓаните на другите континенти, информира Попов.

Сите граѓани што ќе се вратат, без ислучок ќе одат веднаш во државен карантин и за тоа имаат дадена согласност.

Оваа акција, укажуваат од МНР, се однесува пред се на затекнатите наши граѓани во странство, а не и граѓаните на Северна Македонија кои имаат регулиран престој.

Слични содржини