Од идниот викенд продавачи во парк само со дозвола

од Берта Китинска
279 прегледи

Град Скопје од следниот викенд воведува ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, по реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки.

-Заврши јавниот повик за пријавување интерес за користење локации за поставување урбана опрема во Градски парк, а во текот на следната недела ќе бидат избрани мобилните продавачи. Согласно условите во јавниот повик, заинтересираните продавачи аплицираа за поставување урбана опрема на 21 локација со еднаква максимална површина во двата дела во Градскиот парк, велат од Градот.

Избраните мобилни продавачи добиваат дозвола за користење на обележана локација од 1 март, без можност да отстапуваат од утврдената површина на локацијата. Секој продавач ќе треба да се грижи за чистотата на површината на добиената локација. Со одобренијата за локации ќе се реши хаосот со натрупување на повеќе продавачи на едно место во Градскиот парк, на сметка на слободниот простор за движење на посетителите.

-Изгледот на подвижните објекти и апарати нема да го нарушува амбиентот на градски парк и нема да има негативни еколошки влијанија врз околината (задолжително е користење агрегат за напојување со електрична енергија, со ниска бучавост, високо квалитетен со сертификат за ниска емисија на штетни гасови, а не индустриски агрегат).Најважно е што сопствениците се обврзани отпадот да го фрлаат во посебни корпи за отпад, а не во кантите што се поставени во паркот, со што ќе се подобри хигиената во паркот. Исто така, со одобренијата ќе биде регулирано работното време и дотурот на роба, а мобилните продавачи нема да можат да користат озвучување и слични системи за пуштање музика, вела од Град Скопје.

Слични содржини