По реакцијата на грчкото Министерството за надворешни работи за говорот на премиерот Христијан Мицкоски на средбата со македонската дијаспора во Њу Џерси, САД, од Владата немаат контра-реакција на ваквиот нивен став.
-Не би имале што повеќе да додадеме од она што веќе премиерот го кажа, кратко кажа портпаролката на Владата, Марија Митева одговарајќи на новинарски прашања во медија-центарот на „Илинденска бр.2“.
Од Атина денеска соопштија дека изјавата на Мицкоски била провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што веќе е решено.
-Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со С.Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја, предуслов е целосното почитување на договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, пишува во соопштението од грчкото МНР.
„Важно е врската меѓу Македонија и Македонците низ светот никогаш да не престане. Борбата за македонското прашање треба да ја водиме заедно, и дома и во светот“ – порака од премиерот Мицкоски на средбата со дијаспората во црквата Свети Никола во Њу Џерси. Рече дека нема посилна потврда за македонскиот идентитет од тоа ако има повеќе македончиња, независно каде се родени и нема подобар начин потомството од мали нозе да се учи на традицијата.
„Таа борба ќе продолжи. Како генерација имаме дефинирана цел таа борба да ја оствариме. Таа борба, за еден од најмалкубројните народи во Европа, се плашам дека не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои.
Затоа е многу важна врската којашто ја има татковината со Македонците надвор, да продолжи да се засили да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво. Затоа сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна и да успее и внатрешни и надворешни, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди Илинденските идеали и ќе го продолжи делото на Илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот!“, кажал премиерот, а беше објавено на неговите официјални профили на социјалните мрежи.
Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор во селото Нивици со кој се затвори дваесет и петгодишниот спор со Грција, се уште има обврски кај двете држави кои треба да се имплементираат а договорот се уште предизвикува тензии меѓу Македонија и Грција.
Согласно договорот, Република Македонија го смени Уставот и името стана Република Северна Македонија и беше примена како триесетта членка во НАТО Алијансата но приемот во ЕУ изостана пред се поради новонастанатата ситуација со другиот сосед – Бугарија.
С.Македонија исполни голем дел од обврските од договорот, покрај промената на името и Уставот, ги смени имињата на државните институции и министерствата, како и личните и патните документи а останува измена на два закони во Собранието и преименување на уште две државни институции – МАНУ и Македонската радио-телевизија (МРТ).
На официјална Атина и останува ратификација на трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година и доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година. Овие меморандуми минатиот месец по втор пат опозициската СИРИЗА ги достави на усвојување. Останува и промената на сообраќајните табли во северна Грција.