Апелациониот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот Рекет и даде наредба обвинетите за случајот Рекет, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева да бидат спроведени од домашен притвор во затвор. По ова, Јовановски од куќен притвор, бил спроведен во затворот „Идризово“, каде треба да ја издржува казната затвор од девет години.
Според процедурата тој сега се наоѓа во приемното одделение во новиот полуотворен дел. Таму ќе остане минимум 30 дена и ќе му се направи досие и анализа за да биде прераспределен во соодветен дел од затворот според висината на казната.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди.“ – велат од Апелационен суд Скопје.
Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски е обвинет за перење пари и примање награда за противзаконито влијание, додека пак Катица Јанева е обвинета за злоуптреба на службената положба.
Според обвинението, кога во 2018 година СЈО отворило истрага за предметот „Иперија“ каде осомничен беше бизнисменот Орце Камчев, биле барани пари од него за тој да добие подобар третман, како враќање на пасошот, укинување на притвор, но и склучување на спогодба. Обвинителството тврдеше дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милион евра.