Од март 2025 година, нискобуџетната компанија „Трансавиа“ ќе започне со летови меѓу Амстердам и Скопје. Ќе биде првпат аеродромот „Схипхол“ и македонскиот главен град да бидат поврзани со редовен авиопревоз по септември 2008 година. Подружницата на групацијата „Ер Франс – КЛМ“ ќе започне со работа од и до Скопје на 2 март наредната година и ќе лета двапати неделно.
Билетите веќе се достапни за купување на веб-страницата на авиокомпанијата.
„Трансавиа“ има долгогодишно присуство на македонскиот пазар со чартери за Охрид од 1970-тите. Во неколку наврати леташе и за Скопје со чартер летови. Меѓународниот аеродром „Скопје“ последен пат беше поврзан со аеродромот „Схипхол“ во Амстердам од страна на МАТ во септември 2008 година, пред колапсот на компанијата подоцна истата година.
Од наредната година, исто така од месец март, од Скопје директно ќе се лета кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт, а од охридскиот аеродром кон Истанбул и Базел.