Од Нетанјаху се бара да ги врати подароците што ги добил додека беше премиер

од Nikola Popovski

Кабинетот на израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска побара од поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху да врати десетици скапи подароци што ги добил додека бил на функцијата.

Барањето, кое денеска беше потврдено од кабинетот на премиерот Бенет, следеше кога Нетанјаху се одмараше на приватен остров на Хаваите, кој е речиси целосно во сопственост на милијардерот Лари Елисон, пренесува агенцијата АП.

Елисон, основачот на компанијата „Оракл“, е пријател на поранешниот премиер и е сведок во обвинителството на судењето за корупција на поранешниот лидер.

Неименуван израелски функционер, кој немаше овластување да разговара со медиумите, потврди дека Кабинетот на премиерот го контактирал Нетанјаху за да ги врати подароците што ги добил како премиер.

Поранешниот израелски премиер Нетанјаху, сега лидер на опозицијата, се здоби со репутација дека живее раскошен начин на живот, честопати на сметка на даночните обврзници, и му се суди за наводно прифаќање скапи подароци од богати соработници.

Нетанјаху ги отфрли сите обвиненија и рече дека е жртва на клевета.

Весникот „Марив“, кој прв ја објави приказната, наведува дека од Нетанјаху било побарано да врати 42 предмети, вклучувајќи подароци од поранешниот американски претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин.

Се наведува дека вообичаено е странските лидери да си даваат подароци за време на службени патувања, но подароците вредни над одредена сума, околу 90 долари, припаѓаат на државата Израел.

Според писмото испратено од правен советник во кабинетот на премиерот, Нетанјаху и неговата сопруга Сара не ги вратиле.

На листата има и подароци од француски и германски лидери, папата и разни добротвори и амбасадори.

Во соопштението на семејството Нетанјаху се вели дека сите подароци што се бараат со закон се вратени и дека оние „за кои станува збор не се во нивна сопственост“.

Слични содржини