Скопје вчера вечерта беше зафатено од силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град на некои места. Во оперативниот центар на Центарот за управување со кризи пристигнати биле околу 70 пријави претежно за паднати дрвја во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Имало и пријави за поплавени подруми и улици во општините Бутел и Ѓорче Петров.
Исто така било забележано и како дел од оградата заедно со рекламно пано од железничкиот мост во Автокоманда паднале врз две возила во движење како последица од невремето. Немало повредени лица, освен предизвикана материјална штета. Поради тоа, сообраќајот на влезот од скопската населба некое време беше во прекин, создавајќи километарски колони од возила.
Силното невреме предизвикало значителна материјална штета и во општина Аеродром при што беа паднати неколку дрвја, на повеќе места беа искршени гранки и беа поплавени дел од улиците.
Поради обилните врнежи на патниот правец Скопје – Тетово – Гостивар, на места имало одрони и помали свлечишта и тоа посебно од наплатна станица Глумово до Карпалак и Групчин. Кај наплатна станица Желино поради големи количини на вода на самата рампа сообраќајот се одвивал споро што довело до создавање колони.
Претходно, тетовскиот регион попладнево беше зафатен од пороен дожд, грмежи, засилен ветер и повремено појава на град.
Во тетовскиот регион, како што информираа од ЦУК, во поплавена куќа во селото Сиричино, Општина Јагуновце, има заглавено семејство и пожарникарите работат на нивно извлекување.
УХМР најавува дека во текот на оваа недела, претежно во попладневните часови, ќе има почеста појава на пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.