Од Тутунскиот комбинат во Прилеп од понеделник заминува првата група вработени кои се пријавија за доброволно напуштање на Комбинатот со отпремнини. Според генералниот директор на Комбинатот, Александар Дерменџиев, до 24 март вкупно треба да заминат 535 вработени во пет групи.
– Работниците од Комбинатот заминуваат во пет групи. Првите 97 работници заминуваат на 2 март, другата група, исто од 97 на 5 март и комплетно сите 535 работници треба да заминат до 24 март. На денот на заминувањето, на нивните сметки ќе им бидат префрлени отпремнините во зависност од стажот и во максимален износ до 15.000 евра. За сите што заминуваат од Комбинат ќе бидат исплатени 390 милиони денари или близу 7 милиони евра, вели Дерменџиев.
Дерменџиев објасни дека ова е дел од реорганизацијата на Комбинатот и од стратегиското партнерство со „Филип Морис“.
– Сите вработени што заминуваат доброволно се пријавија. Од досегашните 970 вработени сега ќе останат околу 430. До крајот на март треба да бидат пријавени во Центарот за вработување и според стажот ќе добиваат надомест од државата, истакна Дерменџиев.
Во меѓувреме во фабриката за цигари на приелпскиот Комбинат се монтираат двете нови машини на „Филип Морис“. – Монтажата и модернизацијата на опремата според високите стандарди на „Филип Морис“ треба да заврши во почетокот на април и кон крајот на април да почне производството на брендовите на светскиот производител, вели генералниот директор Александар Дерменџиев.
