Од понеделник се враќаат првите пациенти кои се лекуваа во странство, заврши доаѓањето на нови повредени

од Nikola Popovski
766 прегледи

Се стабилизира здравствената состојба на повредените во страотниот пожар во кочанската дискотека. Тројца пациенти заминале на домашно лекување, а уште тројца се подготвуваат да ги напуштат болниците. Кризниот штаб донесе одлука на сите повредени, пред да бидат испишани да им се прават токсиколошки анализи.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски очекува в понеделник во државава да бидат вратени првите пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство и информира дека веќе се работи на планот за следните фази на рехабилитација. Вкупната бројка на повредени во пожарот достигна околу 200, во домашните болници се 72-ца пациенти, а 111 во странските.

Според Клековски, вчера завршија преносите во странските бопници. Биле транспортирани три пациенти во Турција, седум пациенти во Шпанија и последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република.

– Заврши доаѓањето на нови повредени во македонското здравство. И со околу 70 повредени во Македонија, мислам дека можеме да се справиме тука, рече тој во вестите на Тв Сител.

И министерот Арбен Таравари вчера изјави дека сите пациенти кои што се лекуваат во државата и надвор од државата се во стабилна и добра состојба.

-Повеќето од нив се подобруваат. Од вкупно 20 што беа критични пациенти, денеска констатираме дека се десет потешки пациенти. Тоа што повторно и тие се стабилни надвор од животна опасност, кажа министерот.

По наредба на Основното јавно обвинителство Кочани приведени се поранешните градоначалници на Кочани Николчо Илијев, Ратко Димитровски, како и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов.

Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта, а повеќе информации од Јавното обвинителство се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Љупчо Папазов по трагичниот настан поднесе неотповиклива оставка од функцијата, беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

Димитровски беше градоначалник на Кочани во период од 2009 до 2017 година, додека Илијев во период од 2017 до 2021 година.

Слични содржини