Од преку 100, регистрирани само седум или осум мандри

од desk4
180 прегледи

  До крајот на годинава се очекува донесување нов правилник што треба да ги олабави условите за индивидуалните производители на домашни сирења, колбаси, јајца, мед,… и да ги поттикне да се регистрираат.

Правилникот веќе се изготвува, а целта е фармерите, не само да се регистрираат, туку и да почнат да го продаваат своето производство на легален начин.

Производите ќе може да продаваат на фарма и во локални продавници, ресторани, етно-ресторани и притоа точно ќе се знае потеклото на сирењето или кој било друг производ, дека е од фармата.

– Очекуваме правилникот да почне да се применува од идната година, но, паралелно со неговото изготвување, ќе мора да се направат и водичи, и за инспекцијата и за производителите. Да се објасни детално што е потребно за секое производство, што е дозволено, зашто, нормално, секое има своја специфика. Не може да бидат исти условите за колбаси, сирења или јајца, вели професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна Соња Србиновска.

Мора точно да се знае, дополнува, до каде може да оди производителот, како да го направи тоа. Истовремено, и инспекцијата кога ќе го контролира, треба да знае што е дозволено, а што не.

– Ако зборуваме за млекото, мандри регистрирани немаме. Можеби има неколку, седум или осум, со Правилникот од 2009 година. Тоа е многу малку. За девет години само девет мандри имаме регистрирано. За жал, нема статистика колку реално постојат мандри во Македонија, зашто не се регистрирани и официјално никаде не фигурираат, но мојата калкулација е дека се над 120 – 130, мандри што постојат, што работат и продаваат сирење, но на рака, на пријатели, истакнува професорката.

Токму тие производители, напоменува Србиновска, треба да се поттикнат да се регистрираат. Од друга страна, пак, посочува, некои производители не сакаат да влезат во системот. Тоа е уште еден проблем што мора да се земе превид.

– Сега, нерегистрираните производители не плаќаат ништо, не подлежат на контрола, имаат свои купувачи за сирењето, посебно за овчото произведено на мандра. Ако се регистрираат ќе треба да плаќаат данок, да подлежат на инспекциски контроли, но ќе имаат можност и да користат финансиска поддршка од државата или од кои било меѓународни фондови. Многу е битно да влезат во системот зашто на тој начин ќе гарантираме безбедност на производот, вели професорката.

Според неа, доколку фармерите се регистрираат, ќе ги знаеме нашите традицонални производи и тие ќе можат да дадат додена вредност. Всушност, ќе знаеме што произведуваме, а вака не знаеме.

– Реално, количините и мандрите не ги знаеме. Си ги знаеме од терен, но официјално не се препознатливи. Ниту можете да ги понудите на туристи, никако, потенцира професорката.

Производителите во моментов сметаат дека е прекомплицирано да се регистрираат како објект и тоа, објаснува Србиновска, е точно.

– Ако некој сака да ја регистрира мандрата, апликацијата е три или четири страни. Преобемна е документацијата, нема шанси производителот да ја собере. Како цел ХАЦЦП систем да треба да приложи. Се бараат елаборати, животна средина,…, еден куп документи и плус треба да платат 30.000 денари за барањето што не им гарантира дека ќе добијат дозвола. Не зборуваме за тоа да им се даде слобода на производителите да им бидат болни животните. Тие и сега произведуваат безбедно. Нашата цел е со полабави услови во кои секако, ќе може да се спроведе хигиена, да се добие регистриран производ што потоа и легално ќе се продаваатпосочува професорката.

Таа е децидна дека нашите производители многу внимаваат на хигиената, но дали и колку ја запазуваат, не може точно да се каже.

– Има мандри и мандри, објекти и објекти. Некои имаат пристап до вода, некои не. Многу зависи и какви се луѓето што работат вантре, нивната едукација. Исклучително е битно фармерите да бидат едуцирани. На тоа особено мора да се работи, на едукација, подвелкува Србиновска.

Засега, за евентуален извоз, покрај продажба во земјава, не може да стане збор зашто надвор се бара и квалитет и количина. Моментно, како што посочи професорката, само една млекарница од Македонија има извозно бројче за ЕУ и не извезува.

– Подобро е да се обезбеди пласман дома зашто за мала количина не ви се исплати да барате меѓународен пазар. Да се фокусираме на стандардизирање, стабилизирање и на соодветно етикетирање на производите и да го понудиме на домашниот пазар. Има кушувачи во Македонија што сакаат овчо и посебно козјо сирење, вели Србиновска.

Регулатива

Во јануари 2013 година е донесен Правилник за директна продажба на мали количини храна од анимално потекло која исклучиво се смета за примарно, односно сопствено производство. Одредени дерогации со Правилникот се дадоа, но не целосни, поради што на фармерите им беше многу тешко да ги исполнат бараните услови.

– Мали ослободувања во однос на објектите, опремата,…,  имаше, но не доволно зашто, практично, се бараа речиси исти услови како за млекарници. Сега се обидуваме, повторно производот да биде безбеден, хигиената да е запазена, но да биде дозволено она што традиционаклно сме го користеле – дрвени полици, објекти со камен, во карпа да биде комората за зреење. Да не се бара иделана плочка или да има ХАЦЦП. Во однос на контролите, не може да бидат исти кај фармер што сам произведува десет или пет килограми сирење дневно и кај оној што прави пет тона, подвлекува професорката Србиновска.

Поради актуелната регулатива, многу малку објекти за индивидуално производство се регистрирани. Надлежните институции согледаа дека треба да се дадат осолободувања во однос на објектите каде се произведува, да се овозможи да зрее сирењето во одредени пештери или да се користи дрво при обработка, да има полици за зреење, поради што и веќе се изготвува новиот правилник.

Принципи во ЕУ

Генералниот директорат на Европската комисија за здравје и безбедност на храна вели дека флексибилноста на регулативите треба да се охрабрува и да применува што повеќе во секоја земја. Експертите заклучиле дека во повеќето случаи каде се применува флексибилноста, храната е безбедна.

Во 2009 – 2010 година е направено истражување меѓу земјите – членки на Унијата кое покажало дека флексибилноста некаде воопшто не се применува, а во други е прелиберална. Зависи од државата, дали донела или не свои национални мерки.

Флексибилноста зависи дури и од регионите во една иста земја.

Препораките од ЕК се дека треба да се подигне свеста кај производителите зашто тие се примарно одговорни за безбедноста на храната, но и кај надлежните институции за да ги разберат условите на производството и барањата за флексибилност.

Мирјана Чакарова    MIA

Слични содржини