Секоја учебна година сите домашни и меѓународни истражувања потврдуваат дека нашите ученици не се стекнуваат со вештини и знаења кои се применливи, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната прес конференција додавајќи дека слабите резултати на учениците во земјава покажале дека се неопходни итни реформ.
„Во септември би стартувал новиот концепт со интегрирани предмети во основното образование, и тоа со учениците од прво и од шесто одделение. Сукцесивно ќе се продолжува во останатите одделенија и би требало во период од 5 години целосно да се промени образовниот систем“, вели Царовска.
Ќе се менува и наставата која ќе поттикнува креативност и во наставата и во однос на учениците, а акцентот се става на квалитет на воспитно – образовниот процес, што е основна обврска според конвенциите за правата на децата, рече универзитетскиот професор Виолета Петровска Бешка, која е вклучена во изработката на концептот за реформа на основното образование.
„ Наставниот план предвидува да има задолжителни предмети како македонскиот односно српски, албански, турски или бошњачки јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик.Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. За поддршка на личниот и социојалниот развој на учениците, образование за животни вештини. Изборни предмети ќе има и од спортовите како планинарење, јога, велосипедизам. Листата на предмети ги следи возрасните разлики, секое училиште треба да понуди најмалку по три изборни предмети“, изјави Бешка.
Во однос на престојот во училиштата, како што нагласи, за учениците од прво до петто одделение тој треба да се ограничи до пет часови, од кои до 3,5 часови во самата настава, а учениците од шесто до девето одделени до шест часа на училиште, од кои до 4,5 часа во наставата. Наставниците пак, ќе имаат 6 часа задолжителен престој во училиштата за самата настава, за нејзина подготовка, за проектни и воннаставни активности.
-Образованието ќе се фокусира на компетенции и резултати и ќе се пласира содржини преку интегриран и интердисциплиниран пристап. Ќе воведеме повеќе изборни предмети, настава прилагодена на потребите и можностите на учениците,неформално учење и воннаставни содржини, рече министерката. Таа потенцира дека новата концепција се заснова на однапред определени национални стандарди за компетенции кои треба да ги постигнат учениците по завршување на деветто одделение, како јазична писменост, користење на други јазици, во делот на математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво, уметничко изразување култура и мултикултура.
Според Царовска, со новиот концепт се менува и пристапот кон наставата. -Наместо бледи факти содржините ќе бидат презентирани во реален контекст, а учениците ќе се здобијат со целосно разбирање од појавите и настаните кои ги изучуваат и ќе знаат да ги применат овие информации и натаму. Дополнително, основното образование ќе биде поставено на начин на кој ќе поттикнува креативност и истражување во наставата, но и личен развој што е важно за секој период од животот, рече министерката за образование.