Регионалниот ЦУК Скопје известува дека по силниот пороен дожд што синоќа го зафати градот Скопје, во с.Ласкарци и с.Буковиќ во Општина Сарај поројната вода навлегла во поголем број куќи, подрумски простори и на повеќе улици.
На терен бил БППЗ на Град Скопје со 3 пожарникари и 1 ПП возило, при што интервенирале на најзагрозените реони. Во утринските часови контактирано е со ЈП Водовод и Канализација – Скопје, и од нив е добиена информација дека во текот на денешниот ден ќе излезат на терен за расчистување на улиците од кал и за испумпување на водата од куќите.
-За настанатата состојба беше известена Општина Сарај за понатамошна постапка. Од УХМР известуваат дека од пладневните часови на повеќе места во државата времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град, информираат од ЦУК.