Македонските граѓани во иднина со директен лет од Скопје ќе можат да патуваат во Москва со авионска карта која чини 125 евра.
Воздухоплов од типот Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта, пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје со што и официјално е воспоставена директната нова редовна линија Москва – Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија „Нордвинд ерлајнс”.
Летот трае 3 часа и 25 минути. Засега ќе може да се патува со оваа линија само еднаш неделно – во петок, но „Нордвинд” планира да воведе уште дополнителни два лета од Москва до Скопје.
Возобновување на прекинатите линии до европските градови
Министерот за транспорт Благоја Бочварски најави дека многу скоро и авиокомпанијата „Визер“ повторно ќе почне со оперирање на дестинациите кои беа прекинати поради пандемијата со ковид-19.
Според него, најавени се летовите до Барселона, Малта, Ларнака, Париз, Осло, Милано, Тревизо и Рим.
„Очекувам дека со постепеното олабавување на мерките од ковид-пандемијата како во земјава, така и во другите држави во кои имаме воспоставено летови, наскоро ќе го вратиме авиосообраќајот на ниво на кое беше изминатите години кога бележевме рекорден број превезени патници на домашните аеродроми“,рече министерот.