Можам со задоволство да кажам дека со завршувањето на овој автопат од Прилеп до Битола, како и со пуштањето во функција на експресниот пат од Градско до Прилеп којшто оди во три секции и тоа од Градско до Дреново ќе биде готов до Нова година, Дреново до Фариш некаде март следната година и во текот на следната година и од Фариш до Прилеп, и кога ќе се заврши и овој автопат од некаде четириесетина километри, очекувам за три до три и пол години од денеска, од Скопје до Прилеп да се патува во едно пријатно патување од еден час и десетина минути а до Битола еден час и триесет минути, што целосно ќе ја промени реалноста во регионот, во делот на економијата, во делот на комуникацијата и во делот на напредокот, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски за делницата која е дел од коридорот 10Д, а ја гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
На автопатската делница Прилеп-Битола од околу 40 километри фронт на работа се 6. Од 1.300 парцели екпроприрани се 850, а од 500 хектари, на 100-тина се отстранети експлозивни направи, со помош на Армијата. Од досега најдените околу 19 500 можни експлозивни материјали, се извадени 200. Се интензивираат работите на автопатот што е дел од Коридорот 10.
Трасата на новиот автопат, главно ја следи сегашната. Автопатот обезбедува економски развој во општините во југозападниот регион.
Автопатот треба да биде готов за три години. Заедно со експресниот пат Градско-Прилеп кој се гради во три етапи и треба да биде готов за една година, целосно ќе ја промени реалноста во регионот.
-Во однос на трасата, таа се движи паралелно или по линија на постојаниот магистрален пат Прилеп – Битола. Она што мислам дека е добро во делот на планирање и проектирање и да се заблагодарам на луѓето во министерството за транспорт и во ЈПДП, е што нема да има село коешто нема да биде поврзано со другата страна на автопатот без разлика на која страна е селото, бидејќи има голем број на потпатници и натпатници, а исто така имаме и 5 клучки кои имаме спојување во Прилеп, во Битола и на самиот коридор, истакна Николоски.