Од советниците на ВМРО-ДПМНЕ зависи дали ќе имаме нови наместо дотрајани автобуси, порачаа од Град Скопје

од Nikola Popovski
64 прегледи

Од Град Скопје излегоа со соопштение за ситуацијата со автобусите на ЈСП Скопје по вчерашната незгода на булеварот пред ТЦ „Мавровка“. Според градската администрација, на 16 јули 2024 година ќе се одржи нова Седница на Советот на градот, на која, како што велат, по 21 пат е доставена предлог одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје.

-Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотрајани еко автобуси и подобар превоз.

Со цел советниците од ВМРО ДПМНЕ да немаат оправдание за неносење на одлуката за нови еколошки автобуси, Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот односно и банката која ќе го финансира проектот, како и условите за набавка на еко автобуси да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат.

Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Совет Трајко Славески ниту на седница на Советот закажан за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање. Иако поради недостаток на автобуси и дефекти скопјани чекаат на автобуските станици, за нови автобуси ВМРО ДПМНЕ не гласа иако ги имаат ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021, велат од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска преку соопштение.

Оттаму потсетуваат дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер, Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека лично ја поддржува.

„Поради неисправен автобус воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви автобуси“ – вака со солзи во очите и со растреперен глас, кажа возачот, Ферзи Арифи на денешната прес-конференција по инцидентот кога автобусот со број „2“ кој го управуваше излета од патот и се качи на жардиниерата кај ТЦ „Мавровка“.  На прес-конференцијата се појави и новиот директор на ЈСП кој е на функција една недела и рече се работи по пропис, истакнувајќи дека го чека официјалниот извештај на МВР за причините за сообраќајката.

Вработените во ЈСП реагираат дека постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден повторно се пуштаат во сообраќај и се даваат на други возачи.

Во вчерашниот инцидент покрај возачот на 2-ка, беше повредена и една жена.

Слични содржини