Од страв го напишав, содржината не е точна – рече Кешишев за писмото во кое стоеше дека Палевски не е виновен

од Nikola Popovski
318 прегледи

Еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски денеска изјавил дека не е точна содржината на писмото што го предаде до судијата и менувањето на првичниот исказ за инволвираноста во делата. Кешишев на денешното рочиште појасни дека изјавата не е негова, туку првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо му дал ливче при транспортот кон затвор после едно од претходните рочишта.

Влатко Кешишев појаснил дека требал писмото да го препише со свој ракопис и дека тоа го сторил од страв, токму од Палевски.

Тој на минатото рочиште достави писмо со содржина во која наведува дека Палчо не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата Десна.

Обвинителството уверува дека против првообвинетиот Палевски има цврсти непобитни докази. Тврдат дека новиот исказ нема доказна вредност.

Претходно, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето Александар Ѓорчевски се изјаснија дека не се виновни.

-Исто и јас како и вие денеска за првпат се запознав со дадената изјава која беше доставена до нас преку судот, кажа на минатото рочиште адвокатот на Кешишев откако неговиот клиент го сменил првичното тврдење.

Според одбраната, Кешишев имал напишано изјава, но не сакаа да ја коментира содржината оти, како што велат, не знаат дали ракописот и потписот се негови, дали своеволно ја напишал или била под присила или закана.

-Ќе разговарам со него, па дополнително ќе ве известам и вас, рече тогаш адвокатот на Кешишев.

Според обвинението, првообвинетиот Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, но и таткото на Вања, Александар, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Слични содржини