Од утре можете да се вакцинирате и без закажан термин

од Nikola Popovski
199 прегледи

Министерот за здравство, Венко Филипче уште претходно објави дека шроцесот на вакцинација од утре ќе се одвива и без закажан термин, а дозволена е и вакцинација на деца од 12 до 16 години.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, во тек на вчерашниот ден е извршена теренска вакцинација во Специјалниот завод Демир Капија, при што вакцина против Ковид-19 добија лицата со интелектуална попреченост сместени во заводот и вработените. Прва доза во овој завод добиле 155 корисници, од вкупно 171 корисник  кои долгорочно престојуваат во установата и 55 вработени.

Според информациите, од утре треба да стартува и теренската вакцинација на населението преку мобилни пунктови, односно секој кој сака да се вакцинира ќе може тоа да го направи без закажан термин. Паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk. Според препораките, за децата од 12 до 16 години за кои од денеска е дозволена вакцинација ќе се  имунизираат исклучиво со вакцината Фајзер чие упатство од производителот го дозволува тоа.

-Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 417.141 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.751 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.213 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 662.372 дози вакцини, а ревакцинирани се 245.231 граѓани, објавија вчера од МЗ.

Досега во земјата се направени вкупно 906.529 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.783, бројката на оздравени пациенти е 150.124, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 172.

Слични содржини