Од врвот на Премиер лигата до смртни закани: Тешката судбина на англискиот судија

од Марта Пешевска
9 прегледи

Дејвид Кут, некогаш познат фудбалски судија со настапи на Европското првенство и во Премиер лигата, денес живее сосема поинаков живот. Наместо да носи важни одлуки на теренот, Кут денеска доставува пакети низ Англија, обидувајќи се да го состави својот живот повторно по серија контроверзии кои му ја уништија кариерата.

По инциденти кои предизвикаа бурни реакции во фудбалската јавност – меѓу кои и видеа каде се гледа како навредува познати личности од спортот и како користи дрога – Англиската фудбалска асоцијација го исклучи доживотно од професионално судење. Дополнително, од страна на УЕФА му беше изречена 16-месечна суспензија.

Неговата моментална работа како доставувач во градот Њуарк ги изненади локалните жители, особено еден пар кој не можел да поверува дека нивниот пакет им го носи поранешен судија од највисоките фудбалски арени.

Кут, кој неодамна јавно проговори за својата сексуална ориентација, вели дека оваа нова фаза од животот ја користи за да се стабилизира психички. Сепак, вели дека не планира долгорочно да остане во оваа професија.

„Се трудам да ја средам главата, да најдам нова насока и смисла во животот. Оваа работа ми помага да останам активен, но не ја гледам како трајно решение,“ изјави тој за британски медиуми.

Ситуацијата дополнително е усложнета од постојаните смртни закани кои ги добивал во изминатите месеци. Кут признава дека најтешко му паднало кога навредите се прошириле и на сметка на неговата почината мајка. Поради тоа, принуден бил да инсталира безбедносна опрема во својот дом, подготвен секогаш да повика полиција доколку ситуацијата излезе од контрола.

Иако падот од фудбалскиот Олимп до скромната работа како доставувач е драматичен, Кут се надева дека ќе успее да изгради нов живот подалеку од светлината на рефлекторите.

Слични содржини