ССНМ: „Онлајнмедиа“ може да ги развие односите во важна медиумска сфера

од Nikola Popovski
347 прегледи

За формирањето на „Онлајнмедиа“, секако, сметаме дека е нешто што е потребно, дека може да ги развие односите во важната медиумска сфера и дека тоа може да ги регулира работните односи на луѓето ангажирани во онлајн медиумите, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за „Локално“ во однос на барањата на новоформираното Здружение за заштита и унапредување на интернет медиуми.

Додаваат се во очекување на средба со првите луѓе од „Онлајнмедиа“ и подготвуваат предлог кој ќе содржи потпишување на Колективен договор на сопствениците со вработените или на Колективен договор на ниво на сектор.

-Потенцираме тоа треба да биде предмет на опсежни разговори во следниот период, истакнуваат од ССНМ.

Од „Онлајнмедиа“ порачаа дека бараат итни промени во три закони: во Законот за медиуми, во Законот за авторски и сродни права и во Изборниот законик. Ја нагласуваат потребата во Законот за медиумите, во дефиницијата на медиумите, да се додадат и медиумите кои публикуваат содржини преку интернет, со што и за порталите и формално ќе почнат да важат сите законски обврски што важат и за сите други медиуми.

Покрај тоа, претставници на „Онлајнмедиа“ изразија и согласност Законот за медиуми да пропише и постапка на регистрација на интернет порталите од страна на овластен државен орган, изразувајќи целосна доверба владиниот ресор да подготви и да предложи законски измени за тоа. Здружението бара и многу важна промена во Законот за авторски и сродни права, согласно со Директивата на ЕУ 2019/790, која го уредува прашањето на авторските права на интернет. Имено, велат дека во опсежната дефиниција и во темелното набројување на делата коишто се сметаат за авторски и подлежат на заштита на авторските права, во нашиот закон не се спомнуваат медиумски содржини.

-Од тие причини, преземајќи го целосното решение од Законот за авторски и сродни права на Република Хрватска од 2021 година (во кој е имплементирана наведената директива на ЕУ), предлагаме во дефиницијата за авторско дело во нашиот закон да се воведе и „новинарско дело“. Како и повеќето други закони за авторски и сродни права, така и нашиот предвидува составните делови на авторското дело да подлежат на законска заштита. Во својот предлог за иновирање на Законот за авторски и сродни права, здружението ОНЛАЈНМЕДИА предлага прецизирање и на таа одредба од законот, кога станува збор за новинарско авторско дело, при што под авторска заштита, освен целината на делото, ќе подлежат и насловот, насловната фотографија и лидот односно главата на веста, стои во неодамнешното соопштение на новоформираното здружение.

Дополнително предложиле и услови што мора да ги исполнат онлајн медиумите за да се квалификуваат за учество во платеното политичко рекламирање.

-Во овој момент, сепак, професионалните онлајн медиуми ставаат акцент на прашањата на законската регулација и на подобрување на општествениот статус на овој сегмент од медиумската индустрија. За таа цел, Здружението бара сојузници, пред сè во новинарската заедница, но и пошироко, велат од „Онлајнмедиа“.

Н.П.

Слични содржини