Oдбележување на Светскиот ден на водата – во следните два месеци платете ги заостанатите сметки без камата

од desk2
305 прегледи

Проектот „Нашата драгоценост – водата“ , по повод одбележувањето на Светскиот ден на водата започна во Основното училиште 11 Октомври во општина Центар.

Со ова Асоцијацијата за едукација, спорт, култура и здравје, Едико плус ја оформува и подига свеста на најмладите за заштита и рационално користење на водата.

Со покревање на свеста за значењето и рационално трошење на водата кај најмладите, преку креативни работилници, подароци, песнички и раскази, денеска почна со одбележување на Светскиот ден на водата, 22-ри март.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, по отворањето на настанот во ОУ „11 октомври“, рече дека целта е преку симболичен начин со најмладите да се сподели едукативно искуство за значењето на водата.

– Мој императив е на граѓаните на Скопје во секое време да овозможиме здрава и квалитетна вода за пиење. Градот донесе одлука питката вода од изворот Рашче да не се користи за индустриски цели како досега. Должни сме граѓаните и 50 години од сега да имаат здрава вода за пиење. Тоа е наша должност за децата и идните генерации, изјави Шилегов.

Прашан дали ќе има промена на тарифите за вода, Шилегов посочи дека внатрешните финансиски анализи овозможуваат граѓаните во Скопје да не добијат поголеми сметки за вода.

Во однос на информациите дека во Градот Скопје се предвидени 90.000 евра за патувања, Шилегов рече дека, тие средства ќе бидат потрошени за патувања на целокупната администрација во 2018 година, односно на над 450 вработени.

– Сметам дека е неопходно градот Скопје, како главен град на една држава да има меѓународна соработка. Администрацијата што ја предводам мора да биде високо едуцирана, изјави Шилегов.

Посочи дека на неговите досегашни меѓународни патувања само еднаш градот Скопје ги подмирил трошоците, а сите други биле покриени од организаторите.

Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје Душко Весковски, рече дека целта е преку едукативни игри да се покрене значењето на водата и воедно да се објасни дека Градот Скопје има перфектно чиста вода за пиење.
Весковски информира дека ЈП Водовод и канализација од 1 април па во следните два месеци почнува со акција со која граѓаните ќе може да ги подмират своите долгови без камата.

„Во периодот кој претстои, во соработка со град Скопје и со ЈП Водовод и канализација ќе направиме се да ја зачуваме здравата животна средина, ова е значаен проект кој се спроведува 12 години по ред, со што се укажува на значењето на природниот ресурс – водата. Горд сум што Центар е првата општина во која се спроведува проектот.

Вие најмладите сте нашата иднина и затоа секогаш покажувајте, критикувајте и предлагајте што се треба да направиме за здрава животна средина“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

За да може секое општество да се справи со кризата за вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиса и здрава вода за пиење.

Град Скопје се снабдува со вода за пиење од изворот Рашче кое е со чиста и бистра вода, со стабилен хемиски и бактериолошки режим.