„За првпат имавме конструктивна средба во вакво издание. Од политичките теми, начелно би го издвоил Изборниот законик. Начелно е договорено до крајот на јуни да се донесе нов. е дискутираше за моделитетите и комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието, со некои од министрите во Влада“, кажа лидерот на Левица, Димитар Апасиев по завршувањето на лидерската средба.
Апасиев додаде дека како партија предложиле да се обесштетат семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, на што, како што информира, не наишле на слух. Како одговор на новинарски прашања, лидерот на Левица рече дека имало разни експликации – дел е дека тоа бил приватен (дискотеката Пулс), а не јавен објект како што беше модуларната болница во Тетово, а дел од објаснувањата биле дека имало проекти кои се доволни за самиот град Кочани.
-Ние сметаме дека тоа се уште не е доволно. Ќе инсистираме и понатаму, но ова е сензитивна тема и за тоа не инсистиравме толку бидејќи средбата помина во конструктивна атмосфера, што за мене е изненадувачки, кажа Апасиев.