Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ нема да може да ја одбрани титулата на Австралија Опен, откако сојузните власти на Австралија одбија да му дадат виза за влез во Мелбурн како невакцинирана личност.
Како што соопшти австралискиот новинар Пол Сакал, кој во неколку наврати објави најсигурни информации, на Новак дефинитивно му била одбиена визата и му било кажано дека мора да ја напушти Австралија до крајот на денот.
Во случајот се вклучени и адвокатите на Новак кои подготвуваат жалба пред судот во Викторија.
Ова е резултат на повеќечасовната тортура низ која Ѓоковиќ поминал на аеродромот во Мелбурн откако слетал бидејќи локалните власти одбиле да ја поддржат визата, која претходно му била издадена од медицински совет.
Иако првично добил т.н „медицинското ослободување“ да влезе во Австралија како невакциниран и да ја одбрани титулата на турнир што го освои рекордни девет пати, притисокот на јавноста во изминатите 48 часа откако беше најавено дека ќе патува, ги натера политичарите да ја спуштат рампата и да најдат начин да се спречи да влезе во државата.