Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 26.04.2023 година, продолжена на ден 03.05.2023 година, одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот познат во јавноста како „27 април”.
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп.Кок2. Квп бр.14/22 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.40/18 од 15.03.2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.39/19 од 12.02.2021 година, ги одби како неосновани.
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.