Супермоделот Ел Мекферсон, која сега има 60 години, во своите мемоари „Живот“ раскажува за тоа како научила да верува во себе и како зела холистички пристап кон болеста и се откажала од хемотерапијата и покрај советите на 32 лекари и желбите на нејзиното семејство.
„Тоа беше шок, беше неочекувано, беше збунувачки, беше страшно на многу начини и навистина ми даде можност да копам длабоко во себе и да пронајдам смисла. Функционираше кај мене”, изјавила Ел.
Откако беше подложена на лумпектомија (отстранување на канцерогеното ткиво на дојката) пред седум години, на Ел и беше дијагностициран естроген-позитивен интрадуктален карцином – еден вид рак на дојка.
Лекарите и препорачале да се подложи на мастектомија со зрачење, хемотерапија, хормонска терапија и реконструкција на градите.
Сепак, Ел, која во тоа време се забавувала со антиваксерот Ендрју Вејкфилд, одлучила да не оди ниту на терапија ниту на зрачење.
Ел рече дека се молела и медитирала на плажа во Мајами и одлучила дека не сака да го лекува својот рак со лекови, туку со „интуитивен, холистички пристап, предводен од срцето“.
„Да се каже „не“ на стандардните медицински решенија беше најтешкото нешто што сум го направила во животот. Но, да кажам не на моето внатрешно чувство беше уште потешко“, објасни таа, подоцна додавајќи дека сметала дека хемотерапијата и операцијата се премногу „екстремни“.
Манекенката, која во нејзините најславни денови беше позната како „Телото“, рече дека „луѓето мислеа дека сум луда“, но таа продолжила со планот за лекување што „одекнувал во нејзината глава“, „обвраќајќи се на емоционалните, но и физичките фактори поврзани со ракот на дојката. “.
Ел откри дека изнајмила куќа во Феникс, Аризона на осум месеци каде што „холистички го лекувала“ својот рак под водство на нејзиниот примарен лекар, лекар натуропат, холистички стоматолог, остеопат, хиропрактичар и двајца терапевти.
Останувајќи сама во куќата, Ел рекла дека деновите ги поминувала „фокусирајќи се и посветувајќи ја секоја минута на лечење себеси“, пренесе „Дејли Меил“.
Додека Ел сега е во „клиничка ремисија“, таа рече дека нејзините синови Флин (26) и Сај (21) и поранешниот партнер Арпад „Арки“ Бусон имале различни реакции на нејзиниот необичен пристап за дијагнозата на рак.
Нејзиниот најмлад син целосно ја поддржувал својата позната мајка бидејќи верувал дека хемотерапијата е „бакнеж на смртта“, но нејзиниот најстар бил резервиран.
Мораме да забележиме дека овој пристап кон лекувањето на ракот е многу опасен и не е докажано дека делува. Од друга страна, тука е типичниот третман за рак, кој се состои од хирургија, хемотерапија и радиотерапија, со кои се лекуваат милиони луѓе на планетата.
Cancer Research UK забележува дека некои пациенти користат и комплементарни терапии за да се чувствуваат подобро, да ги олеснат несаканите ефекти од овие третмани и да го подобрат квалитетот на нивниот живот.
Ароматерапијата, акупунктурата, хербалната медицина, терапијата со масажа, визуелизацијата и јогата се меѓу најчестите примери, се вели.
Не постојат научни или медицински докази дека овие терапии можат да излечат рак.