Во своите завршни за случајот „Талир 2″ зборови во Основниот кривичен суд – Скопје, адвокатот Горан Каркински, кој беше назначен по службена должност да го брани првоообвинетиот Никола Груевски изјави дека Обвинителството не презентирало ниту еден доказ, или сведок, за тоа за што го обвинува екс-премиерот кој е во бегство.
– Обвинителот во своите завршни зборови изврши измена на обвинението на кое не ни беше дадена можност за приложување на нови докази заради побивање на нивните тези што секако е повреда на постапката.Со тоа ја поткрепи тезата дека обвинението целосно е паушално и нереално, наведе Каркински.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на поранешниот СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.